Разговори за капиталот – Капитал Групација

by | 30 април, 2026

Во второто издание на серијалот „Разговори за капиталот“, го истражуваме светот на финансиите преку искуството и знаењето на Билјана Станковска Арсова. Како финансиски советник со положен стручен испит за работа со хартии од вредност, застапник во осигурување, пензиски и инвестициски агент, таа нуди сеопфатен поглед врз современите можности за инвестирање на македонскиот пазар.

Иако домашниот инвеститор традиционално се поврзува со конзервативен пристап и ориентација кон депозити , во последните години се забележува постепена промена, особено кај помладата популација и кај оние со повисока финансиска писменост. Во услови кога инфлацијата ја намалува атрактивноста на штедните влогови , се наметнува потребата од подинамични стратегии за заштита и раст на капиталот.

Во овој разговор со Билјана Станковска Арсова, детално ги обработуваме клучните теми за секој инвеститор:

  • Предностите на инвестициските фондови: Како преку диверзификација и професионално управување се доаѓа до поквалитетни инвестициски одлуки.
  • Директно инвестирање со поддршка и советување: Можностите што ги нуди Капитал Ассет Менаџмент за управување со индивидуални портфолија на хартии од вредност.
  • Моќта на дисциплината: Зошто ефектот на „сложената камата“ бара долгорочен хоризонт од 10 и повеќе години.
  • Професионална анализа: Како се избираат компаниите за инвестирање преку детални филтри за вредност, профитабилност и макроекономски амбиент.

Од лекциите за пазарната дисциплина , па сè до важноста на регионалната присутност за добивање информации од прва рака, овој разговор е суштински водич за сите кои се стремат кон долгорочен раст на својот капитал

1. Дали македонскиот инвеститор сè уште е „конзервативен“ или гледаме раздвижување кон  поризични инструменти?

Иако традиционално македонскиот инвеститор се поврзува со конзервативен пристап и ориентација кон депозити и нискоризични инструменти, во последните години се забележува постепена промена. Се јавува раздвижување, особено кај помладата популација и кај инвеститори со повисока финансиска писменост. Сѐ повеќе инвеститори покажуваат интерес за диверзифицирани инструменти како инвестициски фондови, со цел постигнување повисоки приноси на долг рок.

2. Која е најголемата предност на вложување во инвестициски фонд во однос на самостојно купување поединечни акции на Берза

Кај инвестициските фондови, инвеститорот добива диверзификација и професионално управување на едно место. За разлика од директното самостојно инвестирање во поединечни акции, кое бара сериозна анализа, време и експертиза, со вложување во фонд инвеститорот добива пристап до веќе структуирано портфолио составено од поголем број компании, управувано од искусни портфолио менаџери. Со тоа значително се подобрува квалитетот на донесените инвестициски одлуки.

3. Како високите каматни стапки на депозитите во банките влијаеја врз приливот на средства во  фондовите?

Иако каматните стапки на депозитите во изминатиот период бележат благо зголемување, тие и понатаму остануваат на релативно ниско ниво, најчесто околу 2%. Во услови на поизразена инфлација како што е сега, ваквите приноси ја намалуваат атрактивноста на депозитите како инструмент за долгорочно вложување. Паралелно, вложувањата во акции и акциски инвестициски фондови стануваат сè поатрактивни, бидејќи нудат потенцијал за повисоки приноси и заштита од инфлација на долг рок. Важно е да се нагласи дека станува збор за различни финансиски инструменти со различна намена, депозитите се соодветни за краткорочна ликвидност и сигурност, додека инвестициските фондови и акциите се наменети за долгорочен раст на капиталот.

4. Дали постои можност клиентите да инвестираат директно во акции со професионална поддршка и советување?

Да, постои можност клиентите да инвестираат директно во акции со професионална поддршка и советување, а овој тип на услуги веќе е присутен на пазарот и покажува добри резултати за инвеститорите. Во рамки на Капитал групацијата функционира друштвото за инвестиционо советување Капитал Ассет Менаџмент, лиценцирано  од Комисијата за хартии од вредност, кое нуди услуга за управување со индивидуални портфолија на хартии од вредност. Оваа услуга е наменета за инвеститори кои сакаат нивните средства да бидат професионално управувани, без потреба самостојно да прават анализа, да го следат пазарот или да носат инвестициски одлуки под притисок на информации и емоции. Овој пристап овозможува структурирано инвестирање, засновано на анализа и професионално управување, со јасна стратегија и долгорочна цел за раст на капиталот.

5. Дали е подобро да се инвестира одеднаш поголема сума или да се прави месечна редовна уплата?

Постојат два пристапи, во зависност од профилот на инвеститорот. За инвеститори кои немаат значителни заштеди, најсоодветен пристап е редовна месечна уплата во инвестициски фонд за постепено акумулирање на капитал и искористување на ефектот на сложененото вкаматување, како и заштита од најголемиот непријател на парите, инфлацијата. За инвеститори пак со поголем износ на средства, поефикасно решение е креирање на професионално управувано портфолио на акции, прилагодено на нивниот ризичен профил и инвестициски цели.

6. Колку долго треба еден инвеститор да ги чува парите во фондот за да види вистински ефект од  „сложената камата“?

Ефектот од сложената камата станува значително видлив на долг рок, најчесто во период од 10 и повеќе години. Инвестирањето не е краткорочен процес, туку стратегија која дава резултати со текот на времето. Колку е подолг инвестицискиот хоризонт, толку е поголем потенцијалот за раст на капиталот, благодарение на реинвестирањето на приносите.

7. Кои се трошоците (провизиите) на кои инвеститорот треба да внимава кога влегува во фонд?

Инвестициските фондови наплаќаат влезни, управувачки и излезни трошоци, кои може да варираат зависно од друштвото и типот на фонд. Сепак, за вложувачот поважно од самиот трошок е изборот на квалитетно друштво за управување и фонд со докажана инвестициска стратегија и резултати. Како и во секоја индустрија, повисоката експертиза значи подобар квалитет на управувањето, а со тоа и повисока вредност на имотот на инвеститорот на долг рок.

8. Како наједноставно може да се опише начинот на кој се избира во кои компании да се инвестира? Кои се вашите филтри за ризик?

Начинот на избор на компании за инвестирање е суштината на нашето работење и вклучува детална стручна анализа, која бара време, знаење и искуство. Поедноставено, процесот се базира на неколку клучни критериуми: анализа на вредноста на комапниите преку приходите, добивките, дивидендите, сигурноста и квалитетот на комапниите, изразен преку растот на средстватата на комапниите, повратите на капитал и профитабилноста. Покрај тоа, значајна улога има и анализата на поширокиот макроекономски амбиент, кој директно влијае врз потенцијалот за раст. Со ваков пристап, инвестициските одлуки се носат врз основа на структуриран и аналитички процес, а не на краткорочни пазарни движења.

9. Колку е важна регионалната присутност на Капитал за пристапот до информации и подобри  приноси?

Ние, тимот на Капитал, редовно присуствуваме на стручни конференции во регионот, но и во поголемите светски финансиски центри, што има значајна улога во пристапот до релевантни информации и носењето поквалитетни инвестициски одлуки. На овие настани имаме можност да ги следиме најновите трендови во инвестирањето, но и директно да комуницираме со менаџментот на компаниите. Особено е важно што добиваме информации од прва рака за работењето на компаниите во кои веќе имаме инвестирано или кои се потенцијални цели за вложување. Ова ни овозможува подобра анализа, поинформирано управување со портфолијата и создавање поголема вредност за нашите инвеститори.

10. Која е најголемата лекција што вие лично ја научивте од пазарот на капитал низ годините?

Најголемата лекција од пазарот на капитал е дека дисциплинираното држење до одбраната стратегија и времето поминато на пазарот се поважни од обидите да се погодат идеалните точки на пазарот. Инвеститорите кои имаат јасна стратегија, конзистентност и долгорочен пристап, во најголем број случаи постигнуваат подобри резултати од оние што реагираат импулсивно на краткорочни движења.