Разговори за капиталот – Вега фондови

by | 17 април, 2026

Во првото издание од серијалот „Разговори за капиталот“, се фокусираме на внатрешните стратегии и визии кои го движат македонскиот инвестициски пазар. Нашата цел е да понудиме јасен увид во тоа како се управува со капиталот во време на глобални промени и какви можности се отвораат за домашните инвеститори.

За оваа тема разговараме со Кирил Куцулоски, кој како дел од тимот на Вега фондови, ќе ни помогне да го демистифицираме светот на инвестициските фондови. Со своето искуство и познавање на пазарните динамики, Куцулоски дава одговори на клучните прашања за ризикот, приносите и иднината на инвестирањето кај нас. Во продолжение, следуваат прашањата и неговите размислувања за тековните трендови.

Како би ја оцениле 2025 и почетокот на 2026 година за македонскиот пазар на капитал во споредба со глобалните трендови?

Во 2025 година, NASDAQ порасна за 20% (наспроти 29% во 2024), EUROSTOXX 50 за 22% (наспроти 12%), а Nikkei 225 за 25% (наспроти 19%). Ова укажува на забавување на растот кај американските акции (предводени од технолошкиот сектор), забрзување кај европските акции (главно поддржани од финансискиот сектор) и умерено забрзување кај јапонските акции (исто така водени од технологијата). Од берзански аспект, 2025 повторно беше година доминирана од технолошкиот сектор, додека американскиот долар остана релативно стабилен во текот на целата година.

Во 2026, пазарите влегоа со поголема доза на претпазливост околу одржливоста на технолошкиот раст. Иако секторот сè уште не влезе во корекција, инвеститорската увереност станува поумерена. Во меѓувреме, на макро ниво се појавуваат сигнали за потенцијално прелевање на растот кон други сектори. Енергетскиот сектор, поттикнат од геополитичките тензии поврзани со Иран, бележи зголемена волатилност и динамика. Но чекаме да видиме и од индустрискиот сектор дали ќе потврди одредени сигнали кои би не убедиле дека е зрел за инвестирање.

Дали македонскиот инвеститор сè уште е „конзервативен“ или гледаме раздвижување кон поризични инструменти?

Во нашето искуство, македонските инвеститори, кои на Македонската берза со години беа меѓу најконзервативните, по излезот на странските пазари значително го зголемија ризикот, инвестирајќи и во помали компании со недокажани, експериментални бизнис модели. Често забележуваме агресивни позиции во компании без стабилни фундаменти, чиј опстанок зависи од континуирано финансирање преку издавање акции и проекции за идни добивки.Нашиот пристап е поинаков. Дури и кога инвестираме во компании ориентирани кон раст, тоа го правиме селективно и само кога макроекономските услови го поддржуваат таквиот ризик.

Колку политичките случувања во САД и ЕУ директно влијаат врз вредноста на уделите во фондовите на Вега?

Како секторски фондови, вредноста на уделите е директно чувствителна на регулаторни промени кои произлегуваат од јавните институции. Поточно, ВЕГА Технологија е изложена на влијанието на новите регулативи за вештачка интелигенција, додека ВЕГА Финансии е под влијание на финансиската регулатива.

Која е најголемата предност на вложување во инвестициски фонд во однос на купување поединечни акции на Берза?

Доколку индивидуален инвеститор се обиде самостојно да изгради портфолио од поединечни акции со цел да го добие најоптималното ниво на раст, најчесто ќе се соочи со два клучни предизвици: потребата од значителен капитал за адекватна диверзификација и потребата од редовно ребалансирање за да се задржи изложеноста кон секторот.

Поради тоа, сметаме дека поклучната одлука за инвеститорот е изборот на сектори, додека самата експозиција е поефикасно да се постигне преку удели во веќе структурирано портфолио во инвестициски фонд. Секако, со доволен капитал може да се изгради и индивидуално портфолио, но и во тој случај препорачуваме управувањето, следењето и ребалансирањето да се доверат на професионалци.

Како високите каматни стапки на депозитите во банките влијаеја врз приливот на средства во фондовите?

Каматните стапки на глобално ниво се покачени веќе повеќе од четири години. Сепак, поради високата инфлација, нивната реална атрактивност е намалена во споредба со други услови. Во ВЕГА бележиме континуирани приливи, но тие се придружени со повисоки очекувања за принос, бидејќи инвеститорите како репер го земаат приносот од камата.

Кој е водечкиот фонд на Вега во моментов и зошто токму тој привлекува најмногу инвеститори?

ВЕГА Технологија, кој нуди диверзифицирано портфолио од глобалниот технолошки сектор, е еден од водечките и најатрактивни фондови на домашниот пазар. Клучен фактор за интересот на инвеститорите се високите историски приноси, заедно со долгорочниот раст на технолошкиот сектор на макро ниво. Дополнително, ВЕГА се издвојува како единствена компанија во Македонија фокусирана на секторски фондови..

Како Вега ги избира компаниите во кои инвестира? Кои се вашите „филтри“ за ризик?

Без да навлегувам во деталите на нашиот процес, можам да кажам дека тој се базира на комбинација од водечки пазарни индикатори и сопствени модели, со силен фокус на макроекономските услови и одржливоста на растот. Дополнително, задржуваме висока флексибилност во алокацијата, со цел навремено да се прилагодиме на променливите пазарни услови и да се мобилизираме кон нови сектори кога тоа го налагаат макро условите — не постојат лоши услови, туку неподготвени процеси.

Што се случува со парите на инвеститорите во случај на голема берзанска криза? Како менаџерите реагираат тогаш?

Кризите стануваат сè почести и проследени со силна волатилност. Реакциите на инвеститорите најчесто одат во две крајности — брза распродажба, која често се покажува како погрешна, или тврдоглаво задржување на позиции во значително ослабени инвестиции, што исто така носи ризик.

Пристапот на ВЕГА е секторски флексибилен: во секоја криза постојат сегменти кои се наоѓаат под притисок и нудат поволни влезни точки, под услов да се идентификуваат со дисциплиниран и структуриран процес.

Дали планирате воведување на нови, специфични фондови (пр. ESG/зелена енергија или Технолошки фонд)?

Нашата амбиција е, во согласност со промените во макро условите, континуирано да развиваме нови секторски фондови. Во овој момент не можеме да споделиме конкретен план, но може да се забележат позитивни сигнали во енергетскиот и индустрискиот сектор. Доколку тие сигнали достигнат ниво што го сметаме за соодветно за влез, ќе понудиме нови секторски фондови на пазарот.

Колку е важна регионалната присутност на Вега за пристапот до информации и подобри приноси?

ВЕГА е пред сè македонска компанија. Сепак, искуството и соработката на нашиот тим со компании и професионалци од целиот регион ни овозможуваат работа на повисоко ниво.

.

Кој е идеалниот сооднос на портфолиото за еден просечен македонски граѓанин со плата од 40.000 – 50.000 денари?

Во услови на висока инфлација, при планирањето треба да се земат предвид и трошоците поврзани со таа плата, кои се индивидуални за секого. Она што останува универзално е дека со поголем износ на инвестиции, побрзо може да се очекуваат приноси, кои се клучни за постигнување лична финансиска слобода.

Дали е подобро да се инвестира одеднаш поголема сума или да се прави месечна рекурентна уплата?

Доколку целта е искористување на краткорочни пазарни движења, инвестирањето на поголема сума одеднаш и нејзиното последователно продавање е поефикасна стратегија. Наспроти тоа, месечното вложување е најдобар избор за долгорочно градење капитал, кое треба да се спроведува без разлика на краткорочните тргувања.

Колку долго треба еден инвеститор да ги чува парите во фондот за да види вистински ефект од „сложената камата“?

Временски хоризонт од три до десет години. По третата година може да се пристапи кон ребалансирање или промена на фондови, додека по десет години ефектите стануваат јасно видливи и, што е поважно — одржливи.

Кои се трошоците (провизиите) на кои инвеститорот треба да внимава кога влегува во фонд?

Влезна, излезна и управувачка провизија. Кај ВЕГА, влезните и излезните провизии се 0%, со јасна намера вредноста да се создава и наградува преку управувањето со фондот, а не од продавањето и откуп на удел.

Дали криптовалутите ги сметате за конкуренција на традиционалните фондови?

Зависи од тоа за кои криптовалути станува збор. Етаблираните криптовалути во многу делови од светот (за разлика од Македонија) имаат одреден степен на легитимност како платежно средство. Но, денес постои и голем број нови криптовалути кои често немаат реална вредност и служат претежно како механизам за прибирање средства преку иницијални понуди (ICO). За жал, дел од инвеститорите влегуваат во вакви проекти привлечени од ветувања за високи приноси и недоволно проверени информации.

Поради тоа, не ги гледаме криптовалутите, како директна конкуренција на секторските фондови, освен како платежни средства.

Како вештачката интелигенција го менува начинот на кој вие управувате со фондовите?

Во голема мера. Нашиот истражувачки процес се потпира на обработка на значителни количини сирови податоци. Пред пошироката комерцијална достапност на вештачката интелигенција, ваквиот пристап беше практично резервиран за многу поголеми организации со обемен тим и сопствени алгоритми. Денес, благодарение на технолошкиот напредок, истото е возможно и за помали компании.

Дали во Македонија наскоро ќе имаме целосно дигитален “onboarding” – инвестирање со два клика преку мобилен?

Најверојатно не во скоро време. Обемот на активности поврзани со регистрација на клиент се зголемува, а нивна целосна дигитализација би барала значителни инвестиции во автоматизација. Дополнително, потребно е внимателно управување со деловни тајни и лични податоци, што го ограничува користењето на комерцијални решенија базирани на вештачка интелигенција. Сепак, нашиот тим го прави традиционалниот „onboarding“ процес едноставен и ефикасен за клиентите.

Што би му порачале на некој што вели: „Немам пари за инвестирање, едвај го преживувам месецот“?

Пред сè, тоа е целосно легитимен аргумент. Инфлацијата реално го отежнува животот за сите. Но истовремено, не смееме да дозволиме негативните економски услови повторно да нè затекнат неспремни. Првиот чекор е преземање контрола врз сопствениот буџет, преку негово внимателно следење и планирање. Во секој буџет постои простор за мала жртва и заштеда — а токму тоа е доволно за да започне патот кон лична финансиска слобода, дури и со 1000 денари месечно инвестирање.

Каде ја гледате Вега по 5 години од сега во рамките на македонскиот финансиски систем?

Како водечка компанија за секторско инвестирање. Во наредните пет години, промените во макро факторите сигурно ќе отворат нови можности за развој и понуда на дополнителни секторски фондови.

Која е најголемата лекција што вие лично ја научивте од пазарот на капитал низ годините?

Општо, дека секое време може да биде добро време за инвестирање, бидејќи секогаш постои сектор или класа на инструменти што нуди потенцијал за принос. Индивидуално, инвестицијата направена денес создава подобро утре, дури и кога започнува со мала жртва.