Разговори за капиталот – Опфолио Инвестиции

by Ванчо Апостолски | 5 август, 2026

Инвестирањето е размислување, а не постојана акција

Разговор со Васко Богдановски, Главен извршен директор на Опфолио Инвестиции АД Скопје, за дисциплината, вистинската вредност и најважните лекции од пазарот на капитал

Во време кога пазарите се непредвидливи, а инвеститорите се бомбардирани со информации, вистинската вештина не е во постојаното тргување, туку во дисциплината. За тоа како да се препознае вистинската вредност на компаниите и зошто емоциите се најголемиот непријател на инвестирањето, разговараме со Васко Богдановски, Главен извршен директор на Опфолио Инвестиции АД Скопје.

Васко Богдановски - Главен извршен директор на Опфолио Инвестиции АД Скопје

Дали е подобро да се инвестира одеднаш поголема сума или преку редовни месечни уплати?

Математички гледано, еднократното инвестирање на поголема сума има предност бидејќи пазарите историски растат во поголемиот дел од времето, а и затоа што на тој начин парите се подолго на пазарот и имаат потенцијал да остварат поголем принос. Предноста на редовното инвестирање, пак, не е математичката, туку психолошката. Ви помага да останете дисциплинирани и кога пазарот паѓа.  

Заштита од страв и емотивно инвестирање: Одлуката за периодично инвестирање преку траен налог се носи еднаш, а потоа уплатите се извршуваат автоматски според однапред утврдена динамика. Наместо секој месец повторно да одлучувате дали е „вистинскиот момент“ за инвестирање, процесот се одвива по однапред утврден план. Тоа може да помогне да го намалите влијанието на стравот и другите емоции врз инвестициските одлуки и да останете доследни на својата долгорочна стратегија.

Искористување на добри можности: Емоциите можат значително да влијаат врз однесувањето на инвеститорите. Истражувањата покажуваат дека загубите често предизвикуваат поголема аверзија кон ризик и можат да влијаат врз подготвеноста на инвеститорите да преземаат ризик во иднина. Па така, за време на пазарни падови, се појавуваат бројни атрактивни можности за инвестирање, но токму тогаш, кога можностите можат да бидат најголеми, стравот од дополнителни загуби често ги наведува инвеститорите да не инвестираат. Трајниот налог го намалува ризикот од пропуштање на добри инвестициски можности поради страв од дополнителни загуби.

Како избирате во кои компании да инвестирате?

Основата на нашето инвестирање е едноставна. Бараме компании каде што, според нашата проценка, постои јасен јаз помеѓу цената и нивната вистинска вредност. Тој избор го правиме преку три клучни филтри:

  • Цена наспроти вредност

Цената е она што го плаќате денес на берзата, а вредноста е она што според нашата проценка компанијата реално може да го создаде за своите сопственици во иднина. Ние не купуваме парче хартија (акција), туку купуваме реален удел во идниот бизнис потенцијал на таа компанија.

  • Поинаков став

За да заработите повеќе од просекот, не е доволно да купите „добра компанија“. Пазарот веќе знае дека компанијата е добра, а тоа сознание обично е одразено во цената на акцијата. Ние инвестираме само кога имаме силно поткрепен став кој е поинаков од она што мнозинството на пазарот го очекува во моментот.

  • Златното правило за создавање вредност

Една компанија создава вистинско богатство за акционерите кога нејзиниот принос на вложениот капитал (ROIC) е поголем од трошокот за тој капитал (WACC). Растот без овој услов е како трчање на лента во теретана — трошите многу енергија и брзина, но не одите никаде. Земете ја Microsoft како пример. Дури и по годините на огромни инвестиции во технологија и сервери, компанијата и денес остварува принос на вложениот капитал од над 20%, што е двојно повеќе од трошокот на нејзиниот капитал. Тоа е разликата помеѓу компанија која само расте и компанија која реално создава нова вредност додека расте

Кои се најдобрите филтри за заштита од ризик?

За заштита на капиталот, ние не се потпираме на среќа, туку користиме два моќни филтри кои ги штитат нашите инвестиции.

Маргина на сигурност (Margin of Safety)

Ова е суштината на здравото инвестирање дефинирана од таткото на финансиската анализа, Бен Греам. Тоа е едноставно разликата помеѓу вистинската вредност на бизнисот и неговата моментална пазарна цена. Нејзината улога не е да ви донесе брз профит, туку да претставува бафер кој ќе ве заштити доколку направите ненамерна грешка во пресметките или доколку пазарот го зафати лош период.

Историски базни стапки (Base Rates)

Наместо да се потпираме само на сопствената субјективна проценка, ние ја користиме историската статистика на слични деловни модели. Наместо да се прашуваме „Што мислиме дека ќе се случи со оваа компанија?“, нашето клучно прашање е: „Што навистина им се случило на други компании кои биле во иста ваква ситуација претходно?“. Тоа е разликата помеѓу личното мислење и доказот заснован на реални историски факти.

Која е најголемата лекција што ја научивте од пазарот на капитал?

Двете најголеми лекции што ги научив се поврзани со дисциплината и трпението

Вистинскиот труд е во размислувањето, а не во постојаното дејствување.

Многумина веруваат дека за да бидете успешен инвеститор, мора постојано да купувате и продавате. Во реалноста, вистинскиот труд во инвестирањето е квалитетното размислување, а не дејствувањето во паника. Инвестирањето е често опишано како „часови на досада прекинати со моменти на страв“. Во тие часови на досада, најголемата вредност доаѓа од тоа да не правите ништо и да бидете трпеливи. На долг рок, помалку непотребни потези можат да донесат подобар резултат.

Управувањето со парите (алокација на капитал) е сè.

Алокацијата на капиталот е една од најважните задачи на секој менаџерски тим. Успехот на вашата инвестиција зависи од тоа дали лидерите на компанијата ги насочуваат парите таму каде што ќе создадат најголема долгорочна вредност за вас како акционер. Најуспешните компании со текот на времето го прават истото што и успешните инвеститори: купуваат и инвестираат кога е евтино, а продаваат или го враќаат капиталот кога е скапо.

Прочитајте ги и останатите интервјуа од серијалот „Разговори за капиталот“

Важна напомена (Disclaimer)

Овој текст е од едукативен и информативен карактер и не претставува инвестициска препорака ниту понуда за купување или продавање на хартии од вредност. Минатите приноси не се гаранција за идните резултати. Идните резултати може значително да се разликуваат во зависност од промените на финансиските пазари или општите економски услови. Секоја инвестиција носи ризик.