Пред сѐ честитки што се одлучивте да инвестирате! Инвестирањето на вашите пари може да биде исклучително сигурен и возбудлив начин за создавање на богатство со текот на времето. Ако инвестирате прв пат, ние ќе ви помогнеме да ги направите првите чекори.
Време е вашите пари да работат за вас
Пред да ги вложите парите на берза, или во други инвестиции, ќе ви треба основно разбирање за тоа како да ги вложите парите на вистинскиот начин. За жал, тука нема единствен одговор кој одговара на сите. Најдобар начин да ги инвестирате вашите пари, е начинот на кој вас најмногу ви одговара. За да го одредите тоа, ќе мора да ги земете предвид вашиот стил на инвестирање, вашиот буџет, вашата толеранција на ризик и во што ќе ги инвестирате вашите средства.
Да започнеме со одредување на вашиот стил
Инвестицискиот свет има две главни гледишта кога станува збор за тоа, како да се инвестираат парите: активно инвестирање и пасивно инвестирање. И двете гледишта можат да бидат одлични начини за создавање на богатство доколку се фокусирате на долг рок и не барате само краткорочни придобивки. Вашиот начин на живот, буџет, толеранција на ризик и интереси може да ви дадат увид за тоа кој начин вас повеќе ви одговара.
Активно инвестирање
Активно инвестирање значи одвојување време за истражување на вашите инвестиции и самостојно конструирање и одржување на вашето портфолио. Поедноставено, ако планирате да купувате и продавате поединечни акции преку онлајн брокер, планирате да бидете активен инвеститор. За успешно да бидете активен инвеститор, ќе ви требаат три работи:
Време: Активното инвестирање бара да ја одработиме домашната задача. Затоа ќе треба да ги истражувате акциите. Исто така, ќе треба да извршите основна анализа на инвестициите и да останете во чекор со вашите инвестиции откако ќе ги купите.
Знаење: И да го имате целото време во светот нема да ви помогне во инвестирањето, ако не знаете како да ги анализирате инвестициите и правилно да ги истражувате акциите. Треба барем да бидете запознаени со некои од основите за анализа на акциите пред да инвестирате во нив.
Желба: Многу луѓе едноставно не сакаат да трошат долги саати за прилагодување на нивните инвестиции, бидејќи и пасивните инвестиции историски носат високи приноси, нема апсолутно ништо лошо во овој пристап. Како што еднаш рече Ворен Бафет во врска со пасивното инвестирање:
„Не е неопходно да се прават извонредни работи за да се добијат извонредни резултати“
Активното инвестирање секако има потенцијал за супериорни приноси, но мора да сакате да потрошите време и да ги научите техниките за анализа, за да го направите правилно.
Исто така, важно е да се разбере што не подразбираме под активно инвестирање. Активното инвестирање не значи често купување и продавање акции, не значи дневно тргување и не значи купување акции за кои мислите дека ќе се зголемат во текот на следните неколку недели или месеци.
Пасивно инвестирање
Од друга страна, пасивното инвестирање е еквивалент на авион на автопилот. Сè уште ќе добиете добри резултати на долг рок, а потребниот напор е многу помал.
Накратко, пасивното инвестирање вклучува ставање на вашите пари да работат за вас, преку инвестирање во инвестициски инструменти, каде некој друг стручен за тоа, ја врши напорната работа. Инвестирањето во заеднички фондови е одличен пример за оваа стратегија, или можете да користите хибриден пристап со вклучување и на инвестициски советник.
Одредување на вашиот буџет
Можеби мислите дека ви треба голема сума пари за да започнете портфолио, но можете да започнете да инвестирате со 100 долари. Количината на пари со која почнувате не е најважната работа. Најбитното прашање е дали сте финансиски подготвени да инвестирате и да инвестирате редовно во текот на времето.
Еден важен чекор што треба да се преземе пред да се инвестира е да се формира фонд за итни случаи. Ова е готовина која што ја чувате одвоено од готовината за инвестирање, на пример на штедна книшка, што ја прави достапна за брзо повлекување доколку се укаже потреба за тоа.
Повеќето инвестиции, без разлика дали се акции, заеднички фондови или недвижен имот, имаат одредено ниво на ризик. Никогаш не сакате да бидете принудени да ги продадете овие инвестиции, доколку имате потреба од готовина. Фондот за итни случаи е вашата безбедносна мрежа за да го избегнете ова.
Повеќето финансиски планери сугерираат дека идеалната сума за итен фонд е доволна за покривање на шестмесечни трошоци. Иако ова е секако добра цел, не ви треба да имате толку многу пред да започнете да инвестирате. Поентата е дека само сакате да избегнете да ги продавате вашите инвестиции секогаш кога ќе ви се дупне гумата од автомобилот, или кога ќе се појават некои други непредвидени трошоци.
Толеранција на ризик
Не сите инвестиции се успешни. Секој тип на инвестиција има свое ниво на ризик, но овој ризик често е во корелација со приносите. Важно е да најдете рамнотежа помеѓу максимизирање на приносите на вашите пари и наоѓање удобно ниво на ризик. На пример, висококвалитетните обврзници, како државните обврзници, нудат предвидливи приноси со многу низок ризик, но исто така даваат релативно ниски приноси меѓу 4% и 5% (од почетокот на 2024 година), во зависност од рокот на доспевање што ќе го изберете и тековната каматна стапка.
Спротивно на тоа, повратот на акции може да варира во голема мера во зависност од компанијата и временската рамка. Сепак, целокупната берза историски произведува просечни приноси од речиси 10% годишно. Може да има огромни разлики во ризикот дури и во широките категории на акции и обврзници. На пример, државните обврзници или корпоративните обврзници оценети со ААА се многу нискоризични инвестиции. Сепак, тие најверојатно ќе плаќаат релативно ниски каматни стапки. Штедните сметки претставуваат уште помал ризик, но нудат помала награда.
Од друга страна, обврзниците со висок принос може да донесат поголем приход, но кај нив и можноста за неисполнување на обврските ќе биде поголема. Во светот на акциите, спектарот на ризик помеѓу блу чип акциите, како на Apple (AAPL 1,36%) и акциите со (penny stocks) ниска вредност е огромна.
Во што треба да ги вложите вашите пари ?
Ова е тешкото прашање и за жал, не постои совршен одговор. Најдобриот тип на инвестиција зависи од вашите инвестициски цели. Врз основа на принципите кои ги спомнавме погоре, треба да добиете многу подобра слика за тоа каде да ги инвестирате вашите средства.
Некои инвеститори ќе се пронајдат во актвиното инвестирање, односно имаат желба време и знаење за поединечно купување на акции, додека пак дуги инвеститори ќе се пронајдат во пасивното инвеситрање и нивните средства ќе ги вложат во инвестициски фондови, или пак во друг вид на инвестиции со понизок степен на ризик.
За крај
Инвестирањето може да изгледа застрашувачки, особено ако никогаш претходно не сте го направиле тоа. Меѓутоа, ако сфатите како сакате да инвестирате, колку пари сакате да инвестирате и вашата толеранција на ризик, ќе бидете добро позиционирани да носите паметни одлуки за вашите пари, што ќе ви служат добро во наредните децении.