Колку компаниите што котираат на македонската берза ги исполнија очекувањата на инвеститорите  ?

од | 28 мај, 2025

Компаниите од македонската берза веќе започнаа со исплатите на дивидендите од минатогодишната заработка. Некои од овие компании решија да доделат поголема дивиденда, некои помала споредбено со дивидендата од мината година. Во нашиот случај ќе ги разгледаме следните: НЛБ Банка, Комерцијална Банка, Телеком, Стопанска Банка и Уни Банка.

1. НЛБ Банка

За 2024 година, одлучи дека ќе подели дивиденда од 2.596 денари по акции. Ова претставува за 40 денари помала дивиденда, од таа што ја исплати банката минатата година, кога изнесуваше 2.636 денари бруто по акција. Интерсно е тоа што иако нема зголемување на дивидендата, цената на акцијата на 25.04.2025 односно три дена пред повикот за собрание на акционери изнесува 58.500 денари, додека после повикот кога се обајвува дивидендата цената расте на 61.645 денари по акција.

2. Комерцијална банка

Комерцијална банка беше пријатно изненадување во однос на распределбата на добивката за 2024 година, бидејќи реши да ја зголеми дивидендата за 37,4% во однос на претходната година, и исплати 1.250 денари по акција. За 2023 банката исплати 910 денари по акција. Кај оваа банка интересно е тоа што и покрај енормното зголемување на дивидендата, цената на акцијата бележи пад. Повикот за собрание беше објавен на 28.02.2025 година, кога  беше и претставен предлогот за исплата на дивиденда. На таа дата цената на акцијата се тргуваше за 29.514 денари, а во наредните денови, цената на акцијата се симна на 27.997 денари. Денес вредноста на оваа акција изнесува 28.394 денари, што претставува стабилна вредност за да ги оставите вашите акции да ја поминат годината, до наредниот циклус за исплата на дивиденда.

3. Телеком

Телеком исто така е една од компаниите што котираат на македонската берза, кои редовно исплаќаат дивиденда. Оваа компанија донесе одлука за доделување на дивиденда на акционерите во износ од 27,6 денари по акција. Ова претставува зголемување на дивидендата од 2 денари по акција. Кај оваа компанија цената на акцијата варира и во текот на изминатата година варирала од минимум 395 денари по акција, до максимални 456 денари. Втор детал за Телеком е тоа што дивидендата почнуваат да ја исплаќаат на 30.09.2025 година, додека пак последен ден за купување на оваа акција со право на дивиденда е 09.07.2025 година.

4. Стопанска банка

Стопанска Банка најверојанто претставува една од најголемите изненадувања, за оваа година, бидејќи по години не делење на дивиденда, оваа година одлучи да подели и таа изнесува 229 денари по акција. Јавниот повик од собранието на акционери е објавен на 30.04.2025 година и тогаш цената на акцијата се тргува за 2.715 денари, за да достигне максимална вредност од 3.300 денари. После ова следи стабилизација на цената и сега се тргува за околу 3.060 денари по акција. Можеби акцијата на Стопанска банка е новата НЛБ, која во една година ја дуплираше вредноста.

5. Уни Банка

Уни Банка остана доследна на политиката за исплата на дивиденда на своите акционери и за 2024 година ќе им исплати дивиденда во вредност од 387 денари по акција, или 5,46% од вреднста на акцијата. Кај акциите од оваа компанија можеме да забележиме дека процентуално дивидендата се намалува, затоа пак вредноста на дивидендата се зголемува. Па така за 2022 година исплатиле  282,9 денари по акција, или 7,06% од вредноста на акцијата, за 2023 тоа изгледало вака 368 денари по акција, или 6,5% од вреднсота на акцијата. Следствено може да се види порастот на вредноста на акцијата. Па така  2022 ја почнала со вредност од 2.781 денари, а ја завршила со вредност од 4.000 денари. За 2023 година ја започнала со 4.000 денари, а завршила со вредност од 5.660 денари. Во 2024 тргувањето започнало со вредност од  5.670, а ја завршила со вредност од 7.200 денари.