Доколку сте забележале реклами за откуп на уметнички дела на социјалните мрежи, тоа е јасен показател дека тргувањето, вложувањето и инвестирањето во уметноста е активно и кај нас. Уметноста не е само израз на креативност и култура, туку и стабилна форма на инвестиција која обединува финансиски, естетски и културни вредности.
На глобално ниво, инвестирањето во уметнички колекции е долготраен и популарен тренд. За многу љубители на уметноста, овие уникатни колекции од дела претставуваат не само сигурна инвестиција туку и извор на лична гордост и задоволство. Она што го издвојува овој пазар е неговата стабилност – често се опишува како „сигурна валута,“ бидејќи вредноста на уметничките дела обично останува конзистентна, дури и за време на економски несигурности.
Ова важи и за македонскиот пазар, каде што инвеститорите и колекционерите, иако обично во сенка, ја поддржуваат локалната уметничка сцена. Инвестирањето во уметнички дела овде е повеќе од финансиска активност – тоа е спој на стратегија, културно наследство и страст кон уметноста.
Vangel Naumovski ” Horisontal Galaxy” (1980), Oil on Canvas
Зошто да инвестирате во уметност?
Инвестирањето во уметнички дела подразбира купување на творби со намера да се зачува или зголеми нивната вредност со текот на времето. Покрај финансиските аспекти, ова вложување носи естетско задоволство и културна значајност.
Придобивките се бројни тука би ги навеле, зачувување на вредноста– Уметничките дела се „стабилна актива“ која останува вредна, дури и за време на економски турбуленции. Долгорочна добивка – Делата на познати или перспективни уметници ја зголемуваат својата вредност со текот на времето. Диверзификација на портфолиото – Уметноста служи како алтернатива на традиционалните финансиски вложувања. Културно значење – Уметничките дела се одраз на историјата и го поддржуваат развојот на културата, воедно е и социјален престиж – Поседувањето уметнички дела е знак на софистицираност и културен вкус. За разлика од другите видови вложувања, уметноста нуди нешто повеќе – таа буди емоции, носи лично задоволство и овозможува создавање на збирка што ја рефлектира вашата визија и страст. Преку уметноста, не само што инвестирате во потенцијална финансиска добивка, туку и во зачувување на културата и историјата. Со внимателен избор, вашата инвестиција може да прерасне во наследство кое ќе инспирира генерации што доаѓаат.
Како да ја оцените вредноста на уметничко дело?
Процената на уметничко дело бара внимателно разгледување на неколку клучни аспекти кои влијаат врз неговата вредност. На прво место е историја на уметникот: Дела од уметници со реноме, признанија, награди или учество на меѓународни изложби носат поголем потенцијал за висока вредност. Потоа е пазарна побарувачка- популарноста на уметникот и интересот за неговите дела значително ја зголемуваат вредноста на творбата. Следно е состојба на делото – уметничките дела кои се добро зачувани и одржувани се многу повеќе ценети на пазарот.
Овие фактори помагаат да се одреди реалната вредност на едно дело, без разлика дали станува збор за процена пред купување или за планирање на продажба.
Maja Taneva “Vine and Steel-Compositions of grape Sculptures” (2023–24), stainless steel wire rope,
(35 x 30 x 20 cm)
Што е вредно да се купи?
Дела на познати уметници: Во Македонија, творбите на уметници како Лазар Личеноски, Петар Мазев, Глигор Чемерски и др. се познати по нивната стабилна вредност и историска значајностКреации од млади и перспективни уметници: Иако ризични, овие инвестиции можат да донесат значителна добивка доколку уметникот ја изгради својата кариера.
Уникатни и ретки дела: Скулптури, слики или графики со ограничена изработка секогаш се високо ценети и привлечни за колекционерите.
Изборот зависи од Вашите цели – дали сакате сигурна инвестиција, поддршка за млади таленти или поседување на ретко и уникатно дело.Инвестирањето во уметност е повеќе од финансиска стратегија – тоа е можност да се поддржи културата, да се зачува историјата и да се ужива во убавината на уникатни дела. Без разлика дали имате историја со инвестиции во уметноста или штотуку започнувате, уметноста нуди комбинација од стабилност, емоционално задоволство и потенцијал за долгорочна добивка. Со внимателно избирање и страст кон уметничките творби, секое дело може да стане не само вредна инвестиција, туку и дел од Вашето лично наследство.
Ликовен уметник-скулптор, Маја Танева